Во Турција уапсени над 250 припадници на терористички групи

0
1026

Во голема полициска операција на рации и пребарување на објекти спроведена од турската полиција во 13 покраини низ земјата, уапсени се најмалку 251 припадник на разни терористички групи, меѓу кои и на џихадистичката Исламска држава, објави во петокот кабинетот на премиерот Ахмет Давутоглу.

„На 24-ти јули единици на Главната управа за безбедност спроведоа симултани операции во 13 покраини во земјата и приведени се 251 член на терористички организации. Според спроведените процени, нивните активности бил насочени кон подготовки на акции и напади врз нашите безбедносни сили и граѓани. Тие лица, членови на Исламската држава, на Работничката партија на Курдистан (ПКК) и организации поврзани со неа, како и маргинални левичарски групи, претставуваат закана за општествениот поредок“, се вели во соопштението што го цитираат турските медиуми,

Ноќта кон петокот припадниците на полицијата и специјалните единици извршиле голема операција во Истанбул за приведување на членови на терористички организации. При рација во еден од становите на екстремната Партија-Фронт на револуционерното народно ослободување дошло до престрелка во која е застрелана жена којашто отворила оган врз полицајците.

Само во Истанбул властите идентификувале 140 локации во 26 окрузи на покраината на коишто престојувале осомничени лица, каде што се уапсени неколку десетици луѓе. Меѓу нив, како што јавува дневниот весник Hurriyet, бил и 31-годишен маж кој одржувал врски со бомбашот самоубиец член на Исламската држава кој во понеделникот во пограничниот град Суруч уби 31 курдски активист.

Слични операции на апсења се спроведуваат во петокот и во провинцијата на градот Измир, каде се уапсени четворицата припадници на Исламската држава. Во покраината Бурса, пак, биле уапсени десет екстремисти на младинската организација на курдската ПКК.

Операцијата за масовни апсења на екстремисти започна веднаш откако во четвртокот Исламската држава нападна пограничен воен премин во покраината Килис кон Турција, при што беше убиен еден турски војник а уште двајца беа ранети. Турската армија, исто така, изврши артилериско и тенковско гранатирање врз позициите на џихадистите на сириска територија, а врз истите сириски области дејствуваше и турското воено воздухопловство./крај/мф/сн