Време е да го Про-книжиме умот

0
317

Битола повторно беше на светската културна мапа преку проектот Про книжи го умот, на новинарката и авторка Ана Јовковска, како дел од „Културните приказни“ на Делегација на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот во Скопје.

Се работи за платформа за креативен дијалог низ култни европски автори, која има за цел низ интерактивни модели на трибини и дебати да одбележи неколку јубилеи и годишници во 2016 година на европски дела и автори како Ерих Фром, Валтер Бенјамин, Џорџ Орвел, Олдоус Хаксли, Мишел Фуко, Жак Лакан и други.

Автор во фокус во Битола беше извонредниот филозоф Валтер Бенјамин, а темата „Технологија и уметност – револуција или хуманизација“. Панелисти во Битола беа филозофот и професор Иван Џепаровски и културниот работник и истражувач Билјана Тануровска-Ќулавковски. Авторка на концептот и модераторка на трибините е Ана Јовковска.

Структурирани во два дела, првиот дел од трибините го сочинува креативниот дијалог и интерактивната дебата, додека вториот дел е неформална социјализација и дружба во духот на европските култури и традиции преку различните специфики, како што се типична музика, храна и пијалоци за одредена земја според потеклото на авторот во фокус.