Врховен нема да ја одржи денешната јавна седница за “Монструм”

0
340

Седницата на Врховниот суд закажана за денес, на којашто требаше да се разгледуваат жалбите за доживотните затворски казни за петкратното убиство кај Смилковското езеро, нема да се одржи. Одложена е по барање на адвокатот Асмир Алиспаиќ.

Како што соопштуваат од Врховниот суд седницата се одлага по барање на адвокатот Алиспаиќ поради здравствени причини, за што до Врховниот суд е доставена соодветна медицинска документација.

Терминот за одржување на јавната седница ќе биде дополнително определен.

Минатата седница беше одложена поради неприсуство на двајца адвокати. Врховниот суд ја закажа седницата 15 месеци откако одбраната ја обжали пресудата на Кривичниот и на Апелациониот суд.

На минатата закажана јавна седница обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сами Љута и Хаки Азири беа спроведени во Врховниот суд, но бидејќи адвокатот Насер Рауфи кој е бранител на четворица обвинети и подносител на жалба, не се појави, а другиот бранител се пензионирал, јавната седница за случајот “Монструм” беше закажана за денес.