„Врие„ од бегалци на Идомени

0
562

Околу 2.000 бегалци има на самата граница, а 8.000 во поширокиот регион со денови чекаат да влезат во Македонија.

Поголем дел од нив нема да бидат пропуштени, затоа што Македонија и другите земји од балканската рута го ограничија бројот на бегалци кои можат да влезат. Во претходните два дена, спорeд податоците на МВР влегле само по стотина бегалци.

Меѓу мигрантите се создава напнатост затоа што сакаат да го продолжат патот кон Европа.  На Авганистанците не им е дозволено, а за Сиријците и Ирачаните следат строги контроли.

Вчера бегалците со камења и предмети маваа по полицајците, по што безбедносните сили беа принудени со солзавци да ги растераат и спречат да влезат насилно во Македонија. Во судирите повреден е еден полицаец и еден волонтер кој бил на терен за да помага на бегалците.

Во Брисел се свесни дека Грција не може сама да се справи со бегалската криза. Првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск денеска ја почнува посетата на регионот при што ќе биде посетено и Скопје.

Во Атина два спортски објекти се адаптираат за сместување на мигранти, а  во наредните 7 дена повеќето земји ќе носат одлуки што понатаму со бегалската криза.