Второ гостување на Битолскиот театар во Санта Барбара

0
448

Со претставата „Антоние и Клеопатра“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондејл, Битолскиот театар гостува во Санта Барбара, Калифорнија, САД, каде што покрај оваа претстава ќе ги изведе и четирите кратки копродукциски пиеси со компанијата „Лит мун“ .

Ова е второ гостување на Битолскиот театар во Санта Барбара во рамки на плодната соработка која ја воспоставија во подготовка на Шекспировите дела.

Во претставата играат осум актери. Иако насловот обврзува на две главни улоги, сепак дејството е одлично балансирано и врз другите актери, а некои од нив се појавуваат и со повеќе ликови.

Главните улоги во претставата, улогите на Клеопатра и Антоние ги толкуваат актерите Валентина Грамосли и Петар Горко кои, на премиерата на оваа претстава славеа јубилеј, 20 години од првата заедничка претстава инспирирана од Шекспир кога ги толкуваа улогите на Ромео и Јулија.

Во другите улоги се Марјан Ѓoрѓиевски, Борче Ѓаковски, Соња Михајлова, Елена Моше, Викторија Степановска, Петар Спировски.

Соработката меѓу НУ Народен театар-Битола и Џон Блондејл, кој е веќе докажан пријател на актерите и на целата екипа во театарот, како и соработката со театарот Лит мун е континуирана и се одвива подолг период.

Делото на големиот англиски драматург првпат е преведено на македонски јазик од професорот Драги Михајловски, премиерата на претставата се одигра во рамките на Шекспир фестивалот минатата година.

Драматургот Билјана Крајчевска потенцирае дека „Антоние и Клеопатра“ на Џон Блондел е изведба на промени со примамлив естетски концепт: во првата половина претставата е комедија, а вториот дел преминува во трагедија.

Покрај Крајчевска, соработник на текстот беше канадскиот шекспиролог Рандал Мартин.

Моќната сценографија ставена во функција на драмското дејство е на Валентин Светозарев, костимографијата со модерен дизајн а со исконски изглед е на Благој Мицевски, сценските движења се на Рисима Рисимкин, додека одличната музика во која многу умешно се вклопени и македонски ритми со антички и ориентален призвук е на Миодраг Неќак.

Шекспир ja напишал oваа голема трагедија во 1606 година, како последна од низата четири трагедии што и претходеле: Отело; Крал Лир и Макбет.

Таа ги поместува границите на сцената до една критична точка, претставувајќи еден опсег на дејство и ситуации кои не можат да се споредат со ниту една друга драма, не само на Шекспир туку воопшто и опишува неверојатно комплексни ликови – богато нијансирани и постојано контрадикторни. Антоние и Клеопатра, го прикажува опојното влијание на моќта и копнежот, како и сеизмичките промени кои се појавуваат во поголемиот дел од цивилизираното општество кон залезот на последниот милениум пред новата ера.

Годинава, Народниот театар имаше четири гостувања во Русија, Бугарија, Израел и САД.