Вучиќ во посета на САД – важен сигнал за поддршка за Србија во патот кон ЕУ и НАТО

0
143

Српскиот премиер Александар Вучиќ во вторник патува во еднонеделна посета на САД, каде ќе посети голем број на американски компании кои почнале или пак планираат да вложуваат во Србија, пренесува Б92.

Српскиот премиер во Вашингтон ќе биде пречекан од страна на сенаторот Џон Мекејн, потоа помошникот на американскиот државен секретар Џон Кери, Викторија Нуланд и потпретседателот на САД, Џозеф Бајден.

Темите кои долго време ги оптоваруваат односите меѓу двете земји се палењето на америаканската амбасада во Белград и случајот со браќата Битиќ, а според српските аналитичари за сето ова секако дека ќе се разговара, но дека посетата сепак нема да биде посветена само на тие теми.

Аналитичарот Милан Мишиќ навел дека главниот спор на овие две земји е Косово, пишува Б92.

„Посетата секако не е посветена на случајот со браќата Битиќ. Она што треба да се има предвид е дека и Србија и САД ги знаат своите позиции. Главниот спор е околу Косово, а за САД тоа е решена работа“, нагласил Мишиќ.

Една од претпоставките е дека главна тема сепак ќе биде обезбедувањето на поддршката за Србија во патот кон ЕУ и НАТО.

Поранешниот дописник од Вашингтон, Момчило Пантелиќ навел дека САД би можеле да бидат таа поддршка за интегрирањето на Србија во ЕУ.

„Во што би можело да се состои таа поддршка е еден од разговорите преку кои САД ќе бидат уверени дека сме на одлучен пак кон Западот и дека евентуално ќе се отворат некои поглавја од преговорите до крајот на годината, а тоа би било и најголемата придобивка, покрај економските аранжмани кои се најавени“, изјавил Пантелиќ.

Посетата на Вучиќ на САД била коментирана и од страна на дипломатските претставници во Брисел, напоменувајќи дека САД можат силно да ги поддржат преговорите на Србија за членство во ЕУ и да придонесат за да се надминат неоправданите препреки за отворањето на поглавјата во овие преговори. Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Иван Мркиќ пак, изјавил дека со претстојната посета ќе се засилат односите со Вашингтон и додал дека ова како и последните случувања во врска со гасот на никој начин не ја одалечуваат Србија од Русија