За 2017 година најавено првото пресадување на човечка глава

0
1042

Русин, кој страда од фатално заболување, ќе стане првиот човек во светот, чијашто глава треба да биде пресадена на друго тело, објави списанието „Њу Сајнтист”.

Компјутерскиот експерт Валери Спиридонов живее во историскиот град Владимир во источнa Русиja, приближно 120 километри источно од Москва. Тој вели дека е подготвен да му се довери на хирургот д-р Серџо Канаверо, со кого заедно ја планираат трансплантацијата веќе две години. 3а време на 36-часовната хируршка интервенција д-р Канаверо ќе ја отсече главата на Спиридонов и ќе се обиде да ја пресади на здраво тело.

– Моето решение е конечно, и немам намера да го променам, изјави 30-годишниот Русин, кој страда од Вердниг-Хофмановиот синдром – редок вид рбетно-мускулна атрофија, пишува весникот „Дејли меил”.

– Дали се плашам? Се разбира дека сум исплашен. Но, тоа не само што е многу страшно, туку е и много интересно, рече Спиридонов во интервјуто направено во неговиот дом.