За 5-ката за Битола и за каменоломот

0
2208

Во декември 2015 и јануари 2016, нашето здружение спроведе кампања “5-ка за Битола“, со која граѓаните на Битола преку потпишување на неформална петиција побараа спроведување на 5 најитни мерки за справување со загаденоста на воздухот во нашиот град. Во изминатиов период бевме сведоци дека за дел од овие мерки почнаа да се превземаат одредени постапки од страна на надлежните институции.

Со цел спроведување на сите 5 мерки кои ги предложивме во самата платформа, во понеделникот 29.02.2016, доставивме три граѓански иницијативи до советот на општина Битола со кои бараме да се стават на дневен ред на седница на советот предлозите за спроведување на најитни мерки за спаравување со аерозагадувањето. Останува на претседателот на советот на општина Битола да одлучи дали ќе ги прифати иницијативите и дали за нив ќе се расправа на седница.

Во последниве денови се актуелизира прашањето за ископ на миинерални суровини на месноста Билбилкамен во непосредна близина на градот, за кое ние имаме информации и документи кои велат дека оваа постапка е започната уште во 2012 односно 2013 година со одлука на влада на Р. Македонија од 20.08.2013 со која се доделува концесија за геолошки истражувања на минерална суровина-гранит, која има важност од две години, по што во 2015 со одлука на владата на Р.М. на 05.05.2015 се доделуа концесија за експлоатација на минерална суровина гранит во рок од 30 години. Согласно законот за ископ на минерални суровини и законот за заштита на животна средина, единиците на локалната самоуправа се неодминлив фактор на давање на писмено мислење за одредената постапка. Исто така согласно правилникот за постапка за добивање на Б интегрирана еколошка дозвола, општината ја има целосната надлежност по тоа прашање. Информациите кои ги добивме велат дека до денес никој нема поднесено барање за доделување на ваква дозвола. Според чл. 127 став 1 од законот за заштита на животна средина , дозволата за работа на ваквиот субјект не треба да биде издадена без претходно доставена Б интегрирана еколошка дозвола.Исто така за нас постојат и дополнителни нејаснотии околу постапката за изградба нна пристапниот пат од магистралниот пат Ресен – Прилеп до локацијата предвидена за ископ. Согласно законот за тоа е потребно корисникот да обезбеди соодветно одобрение во чиј прилог се доставуваат повеќе документи , меѓу кои согласност за изградба на пристапен пат која се добива од МВР и решение за утврден режим на сообраќај. Дали тие одобренија корисникот ги обезбедил, немаме таква информација.

По издаденената концесија за ископ , ние го истражувавме целиот процес и отакао увидовме дека никој не е запознат со истиот ,писмено се обративме до општина Битола уште на ден 13.10.2015 со барање за добивање информација околу тековните градежни активности на посочената локација и добивме одговор дека до тој ден никој не доставил никакво барање за изведување такви градежни активности(пробивање на пат).

Сметаме дека општина Битола треба да ја превземе целата одговорност околу понатамошната постапка за издавање на дозволите и мислењата кои се во нејзина надлежност и да донесе одлука која е во корист на сите граѓани на општина Битола. Доколку опшштината донесе одлука спротивна на интересите на сите граѓани на општина Битола, ние како здружение ќе бидеме приморани да повикаме на масовен протест и блокирање на магистралниот пат, изјави Илија Балтовски, Здружение „За нас се работи“