За да не Ве ограбат, не кажувајте преку Фејзбук дека сте заминале на одмор

0
835

Со цел да се подигне свеста за самозаштита и превенција од секаков облик на криминал, а воедно и за превенцијата од пожари, Секторот за внатрешни работи Битола изелезе со препораки и совети за претстојната летна сезона. Во нив се вели:

-Обезбедете го Вашиот дом и Вашите скапоцени предмети. Не чувајте пари, накит и други вредни работи во Вашиот дом. Користете ги услугите на банките-картички, штедни книшки, банкарски сефови и слично. Осигурете ги Вашите вредни предмети склучувајќи осигурителна полиса.

-Доколку го напуштате домот на подолг временски период, запознајте ги Вашите најблиски роднини, соседи или пријатели за да внимаваат на Вашиот дом додека сте отсутни.

-Внимателно користење на социјалните мрежи како и објавувањето на слики и места каде сте во моментот, со што им укажувате на останатите дека моментално не сте дома а со тоа станувате лесен плен за кражба.

-Задолжително, пред заминување на годишен одмор во друга земја, обезбедете телефонски број и дополнителни информации за најблиското претставништво (амбасада, конзулат).

-Не оставајте вредни предмети на видно место во Вашиот автомобил.

-Доколку станете жртва на ваквиот вид на криминал-веднаш пријавете во Полиција. Додека не дојде Полицијата, не допирајте ништо и не дозволувајте некој да влезе во Вашиот дом. По доаѓањето на Полицијата-дадете им опис и примерок од вредните предмети кои Ви се украдени.

-Пред напуштање на Вашиот дом а посебно на подолг временски период, проверете и исклучете ги куќните апарати или предмети кои можат да предизвикаат пожар.
Да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, стрништа, меѓи, пасишта и други површини.

-Да не се фрлаат отпушоци, стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад. Доколку се забележи пожар-веднаш да се извести локалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193 или Полиција на бесплатниот телефонски број 192 или на телефонскиот број 047- 225-110.