За имигрантите патувањето кон Европа започнува од … Фејсбук

0
341

Идните бегалци, баратели на спас од војните во Блискиот Исток, го користат „Фејсбук“ како компас за да ги откријат шверцерите на луѓе кои ќе ги одведат кон подобар живот во Европа.

И другите социјални мрежи, кои пред извесно време беа користени за да се мобилизираат демонстрантите во рамките на „Арапската пролет“, сега нудат информативни услуги за луѓето кои бегаат од војната во Сирија и другите конфликти во регионот. Во нив бегалците можат да откријат голем дел од потребните информации: цени, такси, поткуп, кои треба да ги дадат за патување исполнето со опасности, кои се движат од давење во морето до задушување во камион, раскажува „Ројтерс“.

За возврат разговор-апликациите како „WhatsApp“ и „Viber“ им помагаат за време на патувањето да се поврзат со шверцерите, пријателите и роднините. Интернет картичките не им дозволуваат на имигрантите да се изгубат.

Во групите на арапски јазик на „Фејсбук“ корисниците објавуваат телефонски броеви на познаници, кои можат да пренесат бегалци од турското крајбрежје до блиските грчки острови или дури до континенти во Европа, која се бори со бегалската криза. Корисниците во слични групи одговараат на секакви прашања: каде да се најде превоз со брод до Грција, каде е најдобро да се премине српско-унгарската граница или каква е цената на пратката од Турција до Германија.

Рекламирањето објавено оваа недела, нуди место во гумен чамец кој поминува од турскиот град Измир – едно од клучните места за сириските бегалци, кои сакаат да стигнат до Грција. Цената е 1200 долари.

„Тргнува утре и е 100% загарантирано“, гласи огласот. „Ќе ви бидат дадени бесплатни појаси за спасување“. Друга реклама нуди слободни места на повеќе удобна „туристичка јахта“ за цена од 2.500 евра (2800 долари).

„Фејсбук е своебразен водич за бегалците уште пред тие да ја напуштат Сирија“, објаснува Мохамед Салих Али, директор на Здружение за солидарност со сириските бегалци со седиште во Измир.

Социјалните мрежи ги советуваат мигрантите да се упатат кон населбата Басман во Измир – неформалното седиште на шверцерите во Турција.

„Тие успеваат да се поврзат со посредници преку Фејсбук. Еднаш штом пристигнат во Басман, бегалците можат да се сместат во хотел за меѓу три и пет дена, во кои ќе ги истражуваат опциите. Тие разменуваат информации кој шверцер нуди повеќе прифатлива цена и поголема безбедност за време на патувањето“, објаснува Али во интервју.

Социјалните медиуми играат клучна улога во немирите, зафатени од арапскиот свет од 2011 година.

Тие им помогнаа на активистите во земји како Египет, Либија и Сирија да мобилизираат повеќе луѓе за време на протестите против владејачките партии на почетокот на „Арапската пролет“. Потоа станаа средство, кое граѓаните го користеа за да известуваат за последователното насилство.

Социјалните мрежи остануваат важна организациска алатка за оние кои се движат низ 26-те земји од Шенген зоната на пат кон северниот дел на Европа – до земји како Германија и Шведска, каде бегалците се надеваат да најдат помош.

„Ги користиме смартфоните претежно, за да добиеме GPS сигнал и да не се изгубиме“, објаснува сириски бегалец, претставувајќи се како Ахмед. Веќе една недела тој спие во шатор на железничката станица во Будимпешта заедно со стотици други имигранти.

„Социјалните медиуми како „WhatsApp“, „Viber“ или „Фејсбук“ ни се потребни за да се поврзуваме со луѓе кои ги познаваме. Ако тие веќе стигнале до Западна Европа, испраќаат информации за да ни помогнат со маршрутата“, раскажува Ахмед. „Тоа понекогаш вклучува и контакти на шверцери, како и информации за работи на кои да внимаваме“.

Само во Турција во моментов се наоѓаат 1,9 милиони бегалци од Сирија. Предвидено е дека крајот на конфликтот не се гледа и секој ден многумина се обидуваат да стигнат до ЕУ преку соседна Грција.

Според податоците на Агенцијата за бегалци на ОН над 4 милиони Сиријци, побарале засолниште во други земји од Блискиот Исток. Други 7 милиони Сиријци ги напуштиле своите домови и се упатиле кон друг дел на земјата поради конфликтот, во кој досега се убиени околу 250 000 луѓе.

Корисниците на „Фејсбук“ коментираат и за последните вести од Европа за кризата, вклучувајќи ја и историјата за германските фудбалски навивачи.  Тие со натписи ги поздравуваат бегалците со добредојде. Друга статија раскажува за напорите на Унгарија да ја засили со полиција и војска границата со Србија, за да го забави бранот на имигранти.

Според една реклама на Фејсбук патувањето од Истанбул до Германија чини 6.000 евра.

„Турција, Грција, Македонија, Србија, Унгарија и пристигнувате во Германија. Треба само во првиот 1 час да ја преминете реката, останатиот пат до Германија се поминува со автомобил“, гласи огласот.

Некои бегалци го поминуваат целиот пат од Сирија со помош на само еден шверцер. 31-годишниот Хафез објаснува дека го открил својот шверцер по социјалните мрежи.

„Добиваме информации за агенции, такси, цени, поткуп, телефонски броеви – сите потребни логистички детали“, изјавил тој во Белград во интервју за „Ројтерс“.

www.faktor.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY