За излез од кризата во Македонија треба дијалог на сите политички партии

0
294

Бугарскиот премиер Бојко Борисов се сретна со македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој во Софија учествува на состанокот на шефови на држави од Процесот на Југоисточна Европа и во текот на разговорот изразил загриженост поради систуацијата во Македонија.

„Како добар пријател на Република Македонија, Бугарија држи до искрени односи меѓу двете земји, што значи и отворено да се споделува загриженоста. Сметаме дека излезот од ситуацијата е можен само преку дијалог меѓу сите политички  партии и спроведување на неопходните реформи во интерес на сите граѓани, како и почитување на сите договори“, изјавил Борисов.

Иванов и Борисов повикаа на брзо финализирање на преговорите за договорот за добрососедство и соработка , кој што ќе даде нов поттик во процесот на евроинтеграција на Македонија. Освен тоа, разговарале и за мигрантската криза, за Блискиот Исток и за интеграцијата на Западен Балкан. Борисов го пренел бугарскиот став за натамошна поддршка на евроатлантската интеграција на Македонија.

„Убедени сме дека иднината на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ. Ја потврдуваме подготвеноста и желбата да разговараме и да ѝ даваме експертска помош на Македонија за конкретни прашања со цел да се постигне суштински напредок на земјата на патот кон членство во ЕУ и во НАТО, рекол Борисов.