За малку тепачка помеѓу Бакрачески и Сашко Коцев на Охридско лето

0
1303

Актерот Сашко Коцев за инцидентот кој се случи во Охрид и во кој беше инволиран и охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески вели дека нема многу што да коментира и дека сѐ што требало кажал во полиција.

Коцев рече дека имал забелешки за доцнењето и за организацискиот дел, a критики упатил до повеќе луѓе, не само до Бакрачески.

На свечениот коктел по претставата „На ничија земја“, која третира случки од воениот српско-босански конфликт во деведесетите, со која заврши 57-то издание на „Охридско лето“ имаше инцидент.

По финишот на ,,Ничија Земја” која започна со доцнење од 20 минути, уште една „претстава”  на крајот од фестивалот. Жестока вербална пресметка со пријава во полиција меѓу градоначалникот Никола Бакрачески и актерот Сашко Коцев ја фрапираше јавноста. Иако се уште не се знае точно кој кого нападнал, Бакрачески го обвинува Коцев дека прв ја почнал расправијата, а тој пак  детали не сака да соопшти во јавност со образложение дека веќе се што сакал да каже, кажал во полиција.

Општина Охрид денеска објави официјален став на градоначалникот Никола Бакрачески во врска со вчерашното случување при затворањето на фестивалот „Охридско лето“.

„Вчеравечер по претходна официјална покана од Дирекцијата на фестивалот Охридско лето, градоначалникот Никола Бакрачески присуствуваше на чинот на свеченото затворање на фестивалот на сцената во охридската касарна кадешто се одржуваше претставата „Ничија земја„ на кој настан беа присутни голем број на официјални лица и владини претставници (министри, заменици министри, директори а меѓу нив и Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери“ – стои во дел од соопштението.

Понатаму се додава дека непосредно по заминувањето на претседателот на собранието и неговата придружба на масата каде што седеа официјалните претставници, дојде лицето Сашко Коцев  и веднаш без никаков повод  и за нас од сè уште неразјаснети причини почна да упатува погрдни зборови со навредлива содржина (со елементи на национална омраза) првично наменети за господинот Талат Џафери, а потоа и за градоначалникот Бакрачески. На оваа груба провокација и смислен обид за навреди од страна на лицето Сашко Коцев, градоначалникот Бакрачески само кратко го отпоздрави без да обрне внимание на неговите зборови за да не дојде до нарушување на убавата атмосфера на коктелот. Но очигледно незадоволен од степенот на реакции кои ги предизвикал кај присутните, продолжи  со неговите брутални навреди и погрдни зборови искажани на висок тон и на другите маси меѓу присутните на коктелот. Во тој момент видна беше вознемиреноста и потресеноста од неговиот однос на присутните . После десетина минути лицето Сашко Коцев по вторпат дојде на масата каде стоеше градоначалникот и ја продолжи „претставата“ со навреди и за другите присутни влегувајќи во вербален конфликт и со директорката на „Охридско лето“ и други присутни, а веднаш потоа го почна „вториот сет“ на навреди кон градоначалникот и претседателот на Собранието Талат Џафери кои на момент според физичките гестикулации наликуваа на закана.

Поради сето ова драмскиот селектор на „Охридско лето“ заедно со уште едно лице го изнесоа надвор од просторот каде што се оддржуваше коктелот.

При заминување на Градоначалникот заедно со протоколот на пат кон службеното возило, Сашко Коцев „не заборави“ и по трет пат да упати навреди кон градоначалникот и притоа беше спречен од страна на службеното лице на општина Охрид физички да го нападне.

Што се однесува до шпекулациите објавени во некои медиуми напоменуваме дека градоначалникот Никола Бакрачески нема никаква врска со одложувањето на почетокот на претставата „Ничија земја“ – ниту тоа било негова желба, ниту тоа го барал ниту имал таква потреба.

Тие изразуваат жалење за инцидентот и велат дека не им се познати причините зошто дојде до една ваква ситуација.

 

Без коментари