За пченицата очекуваат цена не пониска од 11 денари

0
693
Министерот Михаил Цветков на денешната средба во Новаци со пелагониските производители на пченица најави дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) предлага три конкретни мерки за заштита на откупната цена на пченицата.

– Оваа година од засеаните 80.000 хектари очекуваме рекорден принос од околу 300.000 тони пченица, нешто што не се случило во изминатите 10 години. Секогаш во овој период од годината земјоделците се соочуваат со проблемот околу откупната цена на пченицата и затоа уште сега во договор со нив преземаме мерки да ги заштитиме, рече Цветков.

Првата мерка, додаде, е ускладиштување (складирање) на пченицата со што ќе го намалиме притисокот од појавата на вишок пченица на пазарот. – Можеме да складираме околу 80.000 тони пченица. Ова ускладиштување ќе го субвенционираме најмногу до шест месеци, посочи Цветков.

Втората мерка, нагласи, е откуп на пченица за државните резерви да се врши само за пченица од македонско потекло, а третата е интервентен откуп на пченица со која ќе бидат опфатени поголем број на земјоделски стопанства.

Земјоделците се надеваат на откупна цена не пониска од 11 денари

-Оваа година ќе имаме најбогата жетва во просек околу 5 тона.Но со овие цени кои ги најавува мелничарската индустрија  со тие 5 тона ние најверојатно ќе работиме како гулабите за сламата. Се надевам дека Владата ќе не поддржи и нема да дозволи пченицата повторно да ја земаат за бадијала. Се надеваме дека во следниот период ќе најдеме заедничко решение со мелничарите.Најниска цена која е за нас прифатлива е 11 денари и од неа неможе пониско, изјави Вељо Тантаров, претседател на Сојуз на земјоделци на Р Македонија

-Овие мерки кои ги презема Владата заедно со МЗШВ се добредојдени за нашите земјоделци и со нив ќе се подобри систуацијата за земјоделците за откупната цена на пченицата, изјави Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци.

По средбите со земјоделците ќе следат средби со мелничарите