Задолжувањето на ЕЛЕМ за топлификација на Битола пред пратениците

0
613

Собранието на Република Македонија попладнево ја почна расправата по Предлог – законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот Топлификација на Битола кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова КфВ и АД ЕЛЕМ.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески посочи дека се работи за значаен проект за граѓаните на општина Битола со кој ќе се реши топлификацијата и ќе се замени употребата на нафтата и дрвото за греење со што ќе се намалат емисиите на стаклени гасови и ќе се подобри сигурноста на дистрибутивната мрежа.

Со законот се предвидува во првата фаза да се изгради систем за производство на топлинска енергија, транспортен довод, примарна пумпно-топлинска станица во Битола, дистрибуциона мрежа во Битола и топлински подстаници, а со втората фаза треба да се изгради дистрибутивната мрежа за населбите Новаци, Могила и Логоварди.

За реализација на првата фаза ќе бидат инвестирани 39 милиони евра кои Владата на СР Германија ги обезбеди преку КфВ банката и околу седум ипол милиони евра од АД ЕЛЕМ. Рокот на отплата ќе биде 15 години со грејс период од четири години.

– Ова е еден од најзначајните проекти на Владата на Република македонија за општина Битола којшто е насочен кон замена на употребата на нафта, дрва за греење и на други материи со што ќе се намалат емисиите на стаклени гасови, односно ќе се обезбеди еколошки почист енергенс и ќе се подобри безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа за снабдување со топлинска енергија, истакна вицепремиерот Ставрески.

Пратениците од СДСМ во расправата истакнаа дека ќе го поддржат предлог законското решение бидејќи се работи за значаен проект, но според нив спорно е тоа што тој ќе се реализира со средства од заем кои ќе паднат на товар на граѓаните.

За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се работи за значаен проект со кој ќе се реши проблемот со топлификацијата во Битола, а притоа ќе се влијае и врз намалувањето на штетните материи во воздухот. Тие посочија дека во цената на самиот проект се вклучени и приклучоците за основните училишта, за јавните претпријатија и за граѓаните.

 

Без коментари

LEAVE A REPLY