Заев и Борисов денеска ќе го потпишаат договорот помеѓу Македонија и Бугарија

0
358

Двајцата премиери во Скопје ќе го потпишат договорот во 13 часот и 35 минути, по што ќе дадат изјави за медиумите. Договорот треба да биде потпишан на македонски и на бугарски јазик.

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Скопје треба да го потпишат договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Борисов ја предводи бројната бугарска делегација, која два дена ќе престојува во официјална посета на Македонија.

Предвидено е бугарскиот премиер да пристигне во земјата претпладнево, а официјалната церемонија со сите државни и воени почести е планирана за напладне пред Владата на Македонија. Потоа, Заев и Борисов ќе имаат тет-а-тет средба. Според агендата, двајцата премиери ќе го потпишат договорот во 13 часот и 35 минути, по што ќе дадат изјави за медиумите. Договорот треба да биде потпишан на македонски и на бугарски јазик.

Во текот на денот македонските министри и нивните бугарски колеги ќе имаат билатерални средби. Предвидено е и потпишување на неколку меморандуми за соработка.

За утре, 2 август, кога се одбележува националниот празник Илинден, предвидено е заедничко чествување во црквата Свети Спас во Скопје, каде се наоѓа гробот на Гоце Делчев.

За време на посетата на Македонија, Борисов ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ во неделата соопштија дека нема да го поддржат договорот со Бугарија во Собранието. Во соопштението на партијата се наведува дека ниту една од нивните забелешки не била прифатена. Тие повикаа Владата до денот на потпишување да направи напори за промена на спорните делови кои можат да нанесат долгорочни штети по државните и националните интереси на Македонија и македонскиот народ, јазик и историја.

Поддршка за договорот дадоа неколку други партии и движења. Договорот предизвика и неколку протести пред владата и пред Министерството за надворешни работи.

Без коментари