Заев ја презеде функцијата и го осуди нападот врз Тодоров

0
610

Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата ја презеде функцијата од досегашниот премиер Емил Димитриев. Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет.

Заев откако ја презеде функцијата изјави дека уште денеска ќе даде насока да се отворат портите на зградата, оти, како што вели, верува во отвореноста на Владата. Запрашан како ќе постапи во случајот со директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој се посочува како директно одговорен за организираното насилие во Собранието, Заев вели дека ќе постапуваат по закон и дека намерата им е да ја преземат власта за да може да ја гарантираат безбедноста и иднината на сите граѓани. Заев изјави дека го осудува начинот на кој е нападнат поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Премиерот вели дека не ги знае сите детали за случајот, објаснувајќи дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го информирал дека напаѓачот е физичко лице кое со пиштол посегнало по Тодоров.

„Драго ми е што поранешниот министер е безбеден и сигурен, затоа што ние сме луѓе треба да си помагаме, не треба да испраќаме лоши пораки“, рече Заев.