Заев категоричен – изборите ќе се одложат,Груевски обвинува-СДСМ се плаши од избори

0
906

СДСМ и Беса се против тоа на 24 април да има избори. Нема услови за одржување на фер и демократски избори. Утре ги очекуваме и заклучоците на меѓународната заедница, изјави Зоран Заев, претседателот на СДСМ по денешната средба со највисоките претставници на партијата Беса.

„Убеден сум дека тоа што ќе биде со факти и со аргументи потврдено и покажано, секој ќе има обврска тоа и да го почитува. Тој што нема да го почитува, апсолутно ќе биде вреднуван и обележан дека ја турка Македонија кон поголема политичка криза. Секако, стабилноста на државата зависи од исполнување на условите за фер и демократски избори и тоа е нешто што мора да биде исполнето“, рече Заев и додаде дека сите опозициски партии и дел од партиите на владината коалиција се против тоа изборите да се одржат на 24 април.

СДСМ и Зоран Заев бегаат од изборите, зашто на нив одлучува народот, изјави првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Изборите ќе бидат одговор кој СДСМ ќе го добие не од ВМРО-ДПМНЕ туку од граѓаните на Македонија, одговор кој ќе биде громогласно не за сите нивни манипулации, афери, закани, опструкции, подметнувања, сплетки, најави од Заев за притвори, на се она што е измислено заради политички амбиции и ќе каже големо да за работа, програма и брз развој, забрзување на темпото на работа и реализација на тековните и други проекти – рече Груевски.

Ситуацијата во моментов е целосно блокирана. Сега спроведуваме билатерални консултации со партиите и со меѓународната заедница за да видиме како да продолжиме во наредните часови, рече доцна попладнево посредникот Питер Ванхојт.

„ Очигледно има различни ставови за повеќе прашања. Главните проблми се околу составот на советот на Агецијата за медиуми и програмскиот совет на МРТВ“, изјави Ванхојт по попладневниот прекин на разговорите.

 Денеска состанокот во Клубот на пратениците во Скопје меѓу претставниците на четирите политички партии потписнички на договорот од Пржино почна во 15 часот.

Рокот за договор истекува вечерва.

Меѓународната заедница го финализира извештајот и оценката колку условите се исполнети за земјава на 24 април да оди на избори. Детали нема ниту од амбасадата на САД ниту од таа на ЕУ за пораката што ќе ја добие Македонија утре. И еврокомесарот Јоханес Хан кој досега беше активен на твитер околу ставови за земјава – денеска молчи. Последната меѓународна порака онаа од вчера дека иако датумот за избори бил договорен, излегле неочекувани елементи, денеска молк од меѓународниот фактор.