Заев: Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност на Македонија

0
393

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција за медиумите, која се одржа во Владата, го соопшти предлог-буџетот за 2018 година, откако синоќа Владата на Република Македонија го разгледа и го усвои предлог-буџетот и донесе заклучок предлогот за буџетските трошоци за наредната година да биде пуштен во постапка на дебата и усвојување во Собранието на Република Македонија.

„Првпат предлог–буџетот беше објавен на јавна дебата со цел во консултација со јавноста да се знае каде се трошат парите на граѓаните. Буџетот ги обезбедува основните потреби, навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери. Ова е буџет за граѓаните и за финансиска стабилност на Република Македонија. Во 2018 година уште поизразено продолжуваме со кратење на непродуктивните трошоци и тие пари ги насочуваме за потребите на граѓаните“, нагласи премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој спомена дека во буџетот за 2018 година се предвидени средства за поддршка на културните институции во земјава.

„Ги подигаме заборавените културно-историски споменици. Издвоивме 10 милиони денари за обновување на Офицерскиот дом во Битола, вложуваме исто така 10 милиони денари за спомен-обележјето на Тоше Проески во Крушево и многу вакви слични проекти“, рече Заев.

Заев на прес-конференцијата најави поголеми капитални инвестиции и кратење на непродуктивните трошоци.

Исто така, премиерот Заев спомена дека ќе се зголемуваат платите во здравството и образованието за 5 отсто, додека во одбраната, како што рече, зголемувањето ќе изнесува 10 проценти.