Заев со позитивни очекувања од средбата Димитров – Коѕиас

0
297

Премиерот Зоран Заев има позитивни очекувања од денешната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција на која, како што истакна, се очекува посебно внимание да се посвети на зголемување на мерките за доверба помеѓу двете држави. Верува дека се што е од интерес на двете земји во делот на надворешните работи ќе биде отворено како тема за разговор.

– Секоја средба е шанса за наоѓање решение за одблокирање на нашите процеси кон потполна интеграција во НАТО и Европската унија. Знам дека секоја средба со пријателски мотиви може да ги доближи ставовите и да изнајдеме решение навистина оваа мала земја тука на Балканот, нашата Република Македонија, конечно после толку години да се приближи напред, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на конференција за предизвиците со неплатена работа и родова нееднаквост.

Упатствата кои што министерот за надворешни работи ги добил од Владата и Парламентот, наведе Заев, се слични на испратените во изминатите денови и верува дека во тој правец се отвораат и перспективи за разговори.

– Денеска се очекува посебно внимание да се посвети на зголемување на мерките за доверба помеѓу двете земји, да се интензивираат и да се надеваме дека граѓаните ќе почувствуваат и поконкретни резултати. Верувам дека сето она што е од интерес на двете земји во делот на надворешните работи ќе биде отворено како тема за разговор. Навистина очекувам само позитивни перспективи од ваквите состаноци, изјави Заев.