Заев утре во Софија на средби со Борисов и Радев

0
241

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев утре и задутре ќе престојува во работна посета на Република Бугарија.

Од прес-службата на Владата информираат дека првата официјална средба на премиерот Зоран Заев со претставници на државниот врв на Бугарија е предвидена за утре, на 20 јуни, во 10.50 часот.

Како што соопштија од службата, сите овие дипломатски активности на новата македонска влада се во насока на решавање на проблемите со соседите, како предуслов за деблокирање на евроатлантската интеграција на државава.

Инаку, работните групи на двете држави во изминатиов период работеа на подготовки за средбите и, според неофицијални сознанија, несогласувањата околу толкувањата на историјата и околу заедничко одбележување на битните датуми за Скопје и за Софија и понатаму се актуелни, но од двете страна се очекува позитивен импулс.

Големи очекувања од средбата имаат и во Софија. Академик Стефан Воденичаров во интервју за БГНЕС изјави дека работата на двајцата премиери треба да ја отвори вратата на ЕУ и на НАТО за Македонија.