Загадена водата на Пелистер

0
3216

Ако деновиве прибежиште од летните горештини побарате во убавините на НП Пелистер, понесете си и вода за пиење. Во екот на туристичката сезона вода за пиење нема, бидејќи не е бактериолошки исправна, така покажале анализите на Центарот за јавно здравје од Битола. На чешмите на Голема Ливада, Бегова Чешма и други локации истакнати се написи дека водата е забранета за пиење.

vnimanie voda

Анализите на Центарот за јавно здравје на планинските води на Пелистер покажале 9 проценти хемиска и 77 проценти бактериолошка неисправност.

Ова не е прв пат. На Пелистер често може да се видат табли со предупредување од Националниот парк дека водата не е за пиење, а анализите од Центарот за јавно здравје често покажуваат бактериолошка неисправност .На Пелистер нема канализација, а септичките јами се стари повеќе децении и ја губат својата функционалност, а отпадните води ги загадуваат бистрите планински водотеци и извори.

Инаку, во најстариот национален парк во земјава и по десет години не е дограден колекторскиот систем. Изградбата започна во 2006 година кога беше поставена колекторска мрежа од 2,5 километри, а остана да се изгради и постави прочистителна станица и да се приклучат објектите на Пелистер кон мрежата.

Од почетокот на туристичката сезона од месец јули до месец септември Центарот за јавно здравје од Битола на секои две недели врши испитување на квалитетот на водата на Пелистер.

Водата за пиење на туристичкиот центар Попова Шапка исто така била микробиолошки загадена, покажале последните испитувања на Центарот за јавно здравје Тетово.