Заканите на Турција за миграциониот договор нема да и поминат

0
279

Турција мора да го почитува договорот на својата земја со Европската унија за намалувањето на протокот на мигранти кон Европа.

Ова го изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупредувајќи дека заканите против блокот нема да функционираат.

Според Јункер Анкара треба да го олесни строгото законодавство во однос на борбата против тероризмот, ако сака нејзините граѓани да уживаат безвизен режим на Стариот континент.

„Очекуваме дека Турција ќе се придржува кон своите обврски – и заканите не се најдобра дипломатска алатка која може да се користи“, рече уште Јункер.

„Значи треба да престанат да се користат, бидејќи нема да имаат ефект“, додаде тој.

Во рамките на договорот Анкара треба да помогне за запирање на миграциониот поток од нејзина територија кон Грција и останатите делови на ЕУ. Во замена на тоа, земјата ќе добие од Брисел 6 милијарди евра помош, забрзување на преговарачкиот процес за членство во ЕУ, како и визна либерализација. За последното сепак Турција мора да одговори на 72 критериуми, од кои само неколку не се исполнети.