„Замрзнати“ парите на ФИФА во Цирих

0
716

Швајцарското министерство за правосудство, на барање на американските власти, замрзнало повеќе од 50 милиони швајцарски франци (46 милиони евра) поврзани со Светската фудбалска федерација. Портпаролот на швајцарското министерство за правда, Фолко Гали, рекол дека американските власти побарале документи поврзани со 50 банкарски сметки во неколку банки, преку кои наводно се префрлале парите од коруптивните зделки.

Во понеделникот, канцеларијата на главниот обвинител на Швајцарија објави дека има информации за 133 сомнителни трансакции на банкарските сметки поврзани со ФИФА. Во моментов 39 лица, од кои 12 се прогласени за виновни, и две маркетинг компании, се под истрага на американското правосудство, кое проценува дека од 1991 година во ФИФА како поткуп биле исплатени над 200 милиони долари.