Западот ќе бара Русија да се повлече од Сирија, Кремљ вели – војна

0
151

Русија и Иран се заканија со воена одмазда против САД, обвинувајќи го Доналд Трамп дека ги преминал „црвените линии“ со тоа што нареди ракетен напад врз сириска воздухопловна база.

Двата воени сојузници на Сирија рекоа дека Америка со бомбардирањето го прекршила меѓународното право и додадоа: „Од сега па натаму ние ќе одговориме со сила“.

Предупредувањето доаѓа откако руската амбасада во Велика Британија укажа дека британските и американските обиди да му се постави ултиматум на Кремљ би можело да резултираат во „вистинска војна“.

Се дознава дека Борис Џонсон, британскиот секретар за надворешни работи, работи на предлог од групата на држави Г7, кои ќе бараат Владимир Путин да ги повлече своите војници од Сирија и да ја прекине својата поддршка за Башар ал-Асад.

Џонсон ја откажа својата посета на Москва неделава за да работи на предлогот – за кој Дејли телеграф дознал дека ќе содржи премолчена понуда до Русија да се врати во Г7 ако се согласи со предлогот.

Во неделата Русите се потсмеваа со Џонсон, велејќи дека неговото одбивање да ги посети е „непристојно“ и во серија потсмешливи твитови се прашуваа дали тој би му бил добар воен полковник на американскиот претседател.

Заканата од руските и иранските сили доаѓа во време кога Вашингтон го интензивира притисокот врз Асад и неговите поддржувачи, а администрацијата на Трамп вели дека сега „нема шанси“ да се дојде до мировен договор ако сирискиот диктатор е на власт.

Со значајно сменет став за промената на режимот во Сирија, Ники Хејли, амбасадорот на САД во ОН, рече дека минатонеделните ракетни напади се смислени за да ѝ упатат порака на Русија дека „веќе нема да те толерираме за овој режим“.

Х.Р. Мекмастер, советникот на Белата куќа за национална безбедност, изјави дека Русија и Иран му овозможуваат на Асад „кампања за масовни убиства на своите цивили“ и дека Америка е „спремна да направи и повеќе“.

Рекс Тилерсон, државниот секретар на САД, изјави дека Вашингтон очекува Русија да ја преиспита својата поддршка за Асад, бидејќи „секој пат кога ќе се случи некој од овие ужасни напади, тоа ја влече Русија сè поблиску до извесен степен одговорност“.

Сепак, заедничкиот команден центар составен од силите на Русија, Иран и од милициите што го поддржуваат Асад рече дека ќе ја засилат својата поддршка откако 59 американски ракети ја погодија воздухопловната база Шајрат како одмазда за наводниот напад со хемиско оружје врз бунтовниците во градот Кан Шеикун, вели Телеграф.

Во соопштението на центарот стоеше: „Она што Америка го стори со агресијата кон Сирија е преминување на црвените линии. Отсега па натаму ќе одговориме со сила на секој агресор или секое преминување на црвените линии, кој и да го стори, а Америка добро ја знае нашата способност да одговориме.“

Заедничкиот команден центар, исто така, порача дека присуството на американските војници во северна Сирија, каде што Вашингтон има стотици специјални сили што им помагаат на Сириските демократски сили во борбата против Исламска држава е „нелегално“ и дека Вашингтон има долгорочен план да ја окупира областа.

Во посебен телефонски повик меѓу Москва и Техеран, Путин и иранскиот претседател Хасан Рохани рекоа дека американската агресија врз Сирија го прекршува меѓународното право.

Двајцата водачи повикаа на истрага за нападот со нервен гас во провинцијата Идлиб, за кој Сирија тврди дека бил предизвикан кога резервите на хемиско оружје на бунтовниците биле погодени од заскитана бомба, и рекоа дека се спремни за продлабочување на соработката во борбата против тероризмот.

Ајатолахот Али Камнеи, врховниот лидер на Иран, ја обвини Америка дека направила „стратегиска грешка“ со тоа што ја нападнала Сирија и рече дека земјата нема да се повлече.

Борис Џонсон го објави откажувањето на посетата на Русија, прва на некој секретар за надворешни работи за половина деценија, во соопштение објавено на интернет.

„Развојот на настаните во Сирија значително ја промени ситуацијата“, рече Џонсон и додаде дека тој ќе се фокусира на градење „координирана меѓународна поддршка за прекин на огнот на терен и засилен политички процес“.

Тој рече дека во фокусот на состанокот на Г7 ќе биде испраќањето „јасна и усогласена порака до Русите“ во врска со Сирија.

Групата Г7 – составена од Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Америка – до 2014 беше наречена Г8 и во неа беше вклучена и Русија, која беше исфрлена по анексијата на Крим.

Извор од британскиот Форин офис за Телеграф рекол: „Забележливо е неделава дека и Тилерсон Трамп и рекоа дека нема иднина за Асад. Можно е на Г7 да биде договорено ние да кажеме дека Асад треба да си оди.“

Џонсон сега ќе го „загрева телефонот“ за да постигне „многу силно и жестоко“ соопштение за вклученоста на Русија во Сирија, додава изворот.

www.mkd.mk