Започна третото издание на Балканската колонија на ракотворци

0
236

Во рамките на „Битфест“, започна фестивалот „Балканска колонија на ракотворци“.
Организатор на третата по ред колонија, е граѓанското здружение Астерион 5, чија мисија е промоција, едукација, подигнување на етичноста и професионализмот и заштита на ракотворците во пелагонискиот регион.
Свеченото отворање се одржа во културниот центар Магаза со изложбата на фотографи- Пејсажни расположенија, на академскиот уметник, скулптор и специјалист за мозаици -Руслан Сергеев, од Израел, кој во Битола за време на колонијата, ќе одржи и мастерклас и ќе работи со шест дипломци и студенти од Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, предводени од Тони Николовски, виш конзерватор и реставратор.
Покрај оваа изложба, беше презентирана и изложбата на дела од ракотворците учесници.
На колонијата, која ќе трае до 16-ти август, ќе создаваат ракотворци и уметници од Скопје, Велес, Прилеп, Куманово и Битола. Ним ќе им се приклучат уметници од Израел, Турција, Австрија, Србија и Босна и Херцеговина, ракотворци од Здружението на телесни инвалиди „Мобилност“ од Битола и од Здружението на слепи лица од Битола.
Како пропратна програма се планира и реализација на трибина за дефинирање на профилот на битолскиот чкембар, за што Рамазан Ајкилич, сликар од Измир прифати да направи скица. Нивните намери се цртежите да прераснат во битолски традиционален сувенир.
Една од вечерите (-15-ти август) ќе биде посветена и на трката на авторот Живко Поповски Цветин за влез во Гинисовата книга на рекорди за 2015 со најдолгата насликана со акрилни бои и цвет, Цветна патека за мир.