Започнува 11-тото издание на АКТО

0
662

Единаесеттото издание на Фестивалот за современи уметности АКТО, организиран од Здружението за култура и уметност „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“, ќе се одржи во четири градови започнувајќи прво во Битола, од 12-ти до 14-ти август.

Фестивалот, кој втората деценија ја започнува како „Поп-ап АКТО“, е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД, а програмата е конципирана низ неколку точки. Тридневната програма ќе се одвива во специјално дизајнирана хала во поранешниот комплекс на фабриката за фрижидери, како и во мезе барот „Јагода“.

На програмата се и изложбата на фотографии од повеќе автори, изложбата „Колективна одлука”, и изложбата „Микрозаедниците и нивната (не)моќ – собирање на пораки од граѓани на повеќе локации низ Битола“, поврзана со истоимената активност со која и започнува фестивалот, во облик на тура со камион низ Битола.

Тука е и промоцијата на весникот Активни заедници во продукција на Плоштад Слобода.

Во рамките на тридневната програма се планирани и музички настапи. Специјални гости во музичката програма се бендот „Дисциплина кичме“, како и диџејот Џимпстер од Англија, кои ќе настапат втората фестивалска вечер.

Формата на поп-ап, или искрснување е дел од кураторскиот концепт на Ивана Васева и Филип Јовановски, која произлезе од проект работен година дена.

За настаните кои ќе се одржуваат во поранешниот комплекс на фабриката за фрижидери, организиран е бесплатен превоз кој ќе тргнува од Јагода.

Програмата започнува со неколку настани пред официјалниот дел на фестивалот и тоа во кафе бар Радост со настапот на Sweet Rapscallions , а на настанот ќе има кутии за донации за поплавените подрачја.

Организацијата „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ е формирана во 2000 година како уметнички проект чие официјално функционирање започнува во 2001 година во Скопје. Една од главните активности на ФРУ е Фестивалот за современа уметност АКТО.