Започнува фестивалот Битола отворен град

0
545

Култниот сараевски рок бенд “Забрањено пушење” и македонските реге
предводници “Conquering Lion” се главните звезди на фестивалот “Битола Отворен
град 2017” кој ќе се одржи од 27 до 30 јуни во Битола, во организација на
Младинскиот културен центар-Битола. Публиката ќе го проследи настапот на
двете групи под отворено небо на Широк сокак во среда на 28 јуни, со почеток во 21
часот во рамките на главниот музички хепенинг на фестивалот.
“Забрањено пушење” премиерно доаѓаат во Битола, со што публиката ќе ужива во
енергијата на бендот кој во моментов се подготвува за настап на најголемиот
регионален фестивал, новосадскиот “Егзит” на 8 јули.
Дел од фестивалот “Битола отворен град 2017” е и јавната дискусија на 27 јуни во
19.00 часот во МКЦ на тема „Како до квалитетна публика?“. Оваа јавна дискусија ја
третира темата Развој на публика. Дискусијата ќе се темели на документот ”Audience is
Watching You – Challenges to Audience Development by Independent Cultural Organizations
in Bosnia and Herzegovina, Macedonia and Serbia”, кој покрај заклучоци од серија јавни
дискусии, содржи и препораки за донаторите и креаторите на политики, за
истражувачите, образовните институции, граѓанските организации и културните
работници.

На 29 јуни кај Саат кулата во Битола во 18.00 часот ќе се одржи работилница за модна
илустрација, додека во 21.30 часот пред кафе барот “Instinct” ќе се одржи Моден
перформанс поддржан од ДЈ сет – повеќе нијанси на електронска музика и електричен
развој со акцент на електроклеш. Програмата на овој ден е авторство на
мултимедијалниата артистка, модна дизајнерка и продуцентка Мелани Дигит.
На 30 јуни кај Саат кулата во Битола во 22.00 часот ќе настапат прогресив/кор метал
бендот “Spectrum” и “Gargoyles” -бендот кој свири мешавина на sludge и blackened
thrash метал.
Заради атрактивноста на главните звезди, како и заради традицијата главниот музички
хепенинг на фестивалот да го посетува повеќеилјадна публика од земјата и странство,
годинава се очекува уште поголем број фанови, што уште еднаш ќе го потврди статусот
на главниот настан како најмасовен музички настан во Битола секое лето. Сите настани
на фестивалот „Битола отворен град 2017“ се отворени и бесплатни.