Запрена изградбата на пругата кон Лерин

0
1155

Запре изградбата на железничката пруга од Битола за Кременица, а од таму кон грчката граница. Министерството за транспорт и врски го раскина договорот со бугарската фирма „Водстрој“, која беше водечки партнер на конзорциумот составен од четири фирми. Пругата требаше да биде завршена пред два месеца, но бугарската фирма не го почитува рокот, па сега, кога договорот е раскинат, Министерството ќе ја активира банкарската гаранција. Тоа го потврди и министерот Владо Мисајловски истакнувајќи дека активирањето е механизам што произлегува од договорот во насока на заштита на државниот интерес.

„Случајот многу внимателно го разгледувавме со ЕУ бидејќи овој проект се гради со пари од ИПА-фондовите. Сега е раскинат договорот и ние ќе ги почитуваме законските прописи што важат во Македонија, а кои оставаат простор за активирање на банкарската гаранција“, рече Мисајловски.

За оваа делница од пругата кон Грција, во должина од 17 километри, што се гради со пари од ИПА-фондовите, се доделени 20 милиони евра. Колку пари добил бугарскиот конзорциум не е познато, но македонските фирми што се вклучени во проектот како подизведувачи се пожалија дека не им се исплати средства за она што го сработиле досега. Неисплатените обврски ја забавија изградбата, а кон средината на август годинава работниците најавија и штрајк, но потоа го откажаа кога им било ветено дека набрзо ќе си ги добијат парите.

На подизведувачите конзорциумот им должи 600 илјади евра. Исплатени им се платите од лани, а за годинава не добиле ни денар.

„Ги дадовме на суд, но досега не е одржано ни едно рочиште. Исплатени ни се само плати за минатата година, а за годинава ни должат за првите седум месеци. Се работи за повеќе фирми подизведувачи со преку 130 ангажирани работници од шофери, машинисти и други профили, на кои бугарските компании им останаа должни“.

И министерот за транспорт и врски Владимир Мисајловски им предложи на работниците да си ги побараат правата според договорите што ги направиле со изведувачите.