Затворено родилиштето во Ресен

0
163

За да се породат родилките од Ресен и од околината, треба тоа да го направат во некој од соседните градови, затоа што после 6 децении родилиштето во Здравствениот дом во Ресен се затвори. Жителите на Ресен велат дека е жално град со 15 илјади жители да остане без родилиште.

– Бебињата по пат ќе се раѓаат. Како што има во сите градови, треба да има родилиште и овде, во Ресен, рече една жителка на Ресен.
– Мојата снаа се породи во Охрид, а ќерка ми во Битола, тоа е проблем, би требало да има породилиште, затоа што не е мала општината. Преспа е голема, изјави дуга ресенчанка.
Родилиштето со одлука на Министерството за здравство и Здравствениот дом Ресен, официјално се затвори вчера, на 1 јули, за што има известување на интернет страната на Здравствениот дом. Но во овој оддел нема гинеколог повеќе од една година, концесионерот еднострано го раскинал договорот, а надлежните не можат да најдат друг лекар.
– Од април минатата година до овој месец, немаме ниту едно породување. Се надеваме дека можеби родилиштето во иднина повторно ќе профункционира, ако ние склучиме договор со друг матичен гинеколог кој би се нафатил да врши породување во нашата родилна сала, рече директорот на Здравствен дом Ресен, Трајче Ничевски.
Директорот вели дека родилиштето е целосно реновирано пред неколку години. Но, со неговото затворање, акушерките ќе бидат прераспоредни на други работни места.
– Има 4 вработени акушерки, со тоа што на располгање имавме секогаш уште две од службата за патронажа. Но, овие 4 акушерки кои што имаат решение за родилна сала, нема да останат без работа, ќе добијат други работни места, рече Ничевски.
Во општина Ресен годишно се раѓаат од 80 до 120 новороденчиња.