Завршен митинг на СДСМ во Охрид

0
603

Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ го одржа завршниот митинг во Охрид. Партискиот лидер Зоран Заев порача дека заедно и сплотени треба да испишеме модерна историја во мултиетничка Македонија.

„Овие четири месеци од новата Влада покажавме дека сме луѓе од збор, тоа што го ветуваме, тоа и го остваруваме. Покажавме дека секој ден е можно нешто да се менува кон подобро и време е и Охрид да се приклучи кон тие промени“посочи лидерот на СДСМ.

Заев пред присутните порача дека Охрид не е обичен град, тој е наше и светско културно наследство, а наша должност и обврска е да го чуваме за идните генерации. Тој нагласи дека нема поигрување со Охрид и со езерото, најавувајќи дека во градот ќе се инвестира и општината ќе се развива, но ќе се почитува животната средина и историското наследство.

Лидерот на СДСМ потсети на мерките што се реализирани во изминатиот период за доброто на сите граѓани, особено за оние на кои помошта им е најпотребна.

– Минимална плата, поддршка за стечајците, евтина тарифа на струјата, укинување на радиодифузната такса и екстерното тестирање се само почетокот на она што следува. Преку ефикасна децентрализација ќе овозможиме рамномерен регионален развој на општините во сите делови на Македонија…Спроведуваме мерки за сеопфатен економски раст, државата пушта пари во стопанството и за 2018 година определивме повеќе од 70 милиони евра за поддршка на стопанството, за нови работни места, за развој – за вас, рече тој.

Тој ги повика охриѓани в недела довербата да му ја дадат на кандидатот за градоначалник Јован Стојаноски, како чесен човек што ќе ги донесе промените во Охрид, човек кој како досегашен советник знае каква општина сакаат граѓаните.

 

 

Без коментари