Заврши 12-тиот АКТО фестивал

0
222

Со настапите на бендот Land, DJ Соња Исмаил и DJ Вера Умка, во разиграна атмофера со многу позитивна енергија во Задруга Артикултура,  заврши 12 издание на фестивалот за современи уметности АКТО.
Во фокусот на ова издание беше иницијативата за ревитализирање на Офицерскиот дом како културен белег на градот Битола.
АКТО и оваа година понуди разновидна програма на повеќе локации низ Битола (Мезе бар Јагода, Магаза, Задруга Артикултура) која вклучуваше работилници, изложби и многу настапи на македонски алтернативни бендови и диџеи. Тука се – работилницата за грамофони, под менторство на DJ Flooder, перформансот на Здравко Стојмиров, DJ сетовите на Flooderm заедно со учесниците на работилницита за грамофони и Зоки Бејбе.
Во текот на фестивалот во тоалетите на мезе- бар Јагода, кафе бар Радост и Задруга Артикултура, беше поставена изложба на квир фотографии „Со Окото на маргините“.

Вториот фестивалски ден имаше поинтензивна агенда- неколку креативни работилници за деца под мотото „Дечињата за Офицерски“, изложбата на постери од Зоран Кардула, „Футуристички споменици од старата Југославија“, настапија македонските бендови Џун и Риб. По музиката се одржа уште една  дебата, овој пат на тема продукција на музика, во студио, гаража или дома .
Во делот Акто за заедниците, се одржа затворена дискусија со претставник од Солун Прајд, на тема „Размена на позитивни практики за ЛГБТИ активизам на локално ниво“.
Во изложбениот простор на Магаза при НУ Завод и Музеј Битола, беше поставена групната изложба „Совршениот уметник“.

Последната фестивалска вечер заврши со концертна промоција на албумот „If…“  на култниот битолски бенд Land (Green grass dreams), а следуваа DJ сетови на Соња Исмаил и Вера Умка.

Ова издание на ПОП АП АКТО АКЦИЈА беше поддржано од Фондација Фридрих Еберт – канцеларија Скопје,  Цивика мобилитас – Македонија и ЛГБТИ Центар за поддршка. Соработници на фестивалот се: мезе – бар Јагода, ЛГБТи Центар за поддршка, НУ Музеј и Завод Битола, НУ Центар за култура Битола, Задруга Артикултура, кафе бар Радост и Види вака.

Здружението за уметност и култура ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, кое го организира АКТО, е замислено како отворена едукативна и продукциска платформа во полето на современата уметност и култура, со фокус на култивирање на критичко, ангажирано и активно учество на граѓаните во политичкиот, општествен и уметнички контекст во различни средини.