Заврши 38-от ИФФК.Браќа Манаки

0
241

38-то издание на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“, заврши со свеченото доделување на наградите златна, сребрена и бронзена камера 300. Покрај истакнатите светски кинематографери и верната битолска публика на фестивалот, на црвениот тепих пристигна и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој му ја врачи Специјалната „Златната Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на режисерот Милчо Манчевски. Тој со своите култни филмови „Пред дождот“, „Мајки“, „Прашина“ и „Сенки“ ја постави Македонија на светските листи за најдобри филмови. Министерот Алаѓозовски му ја врачи наградата на Манчевски, истакнувајќи дека му ја предава оваа награда од се’ срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер. Милчо Манчевски се заблагодари за наградата и му посака побрзо закрепнување на директорот на фестивалот Блоагоја Куновски – Доре. Исто така, тој апелираше културата да го добие соодветниот третман во општеството.

– Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа апелирам да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи- рече Манчевски.

Жирито во состав Пол Рене Ростад, претседател и членовите Лука Коасин, Јани Петери Паси, Даријан Пејовски и Ерол Зубчевиќ, кој не беше во можност лично да присуствува на затварањето, им ги врачија наградите на кинематограферите, велејќи дека не било воопшто лесна работа да се одбере помеѓу толку квалитетни филмови.

Малата камера 300 му припадна на кинематограферот Наум Доксевски, кој го сними македонските краток филм во режија на Горан Столевски  „Види ја ти неа“, за една млада девојка што ги крши правилата на едно патријархално општество.

Жирито додели специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“, во режија на Александар Хант.

Бронзената камера 300 му припадна на Дејан Димески  за филмот „Жаба“ во режија на Емир Јукиќ. Димески се заблагодари на жирито и на својата екипа, потсетувајќи се дека првпат дошол на фестивалот „Браќа Манаки“, како студент во 1995 година, за да сега доживее да стои на сцената со една од главните камери.

Сребрената камера 300, му припадна на Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин. Златната камера 300 му припадна на Унгарецот Марсел Рев, кинематограферот кој го сними филмот „Месечината на Јупитер“, интригантна сторија за односот кон бегалците.

По свеченото доделување на наградата, публиката во Центарот за култура го виде последниот филм од главната програма „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Дени, со Жулиет Бинош во главна улога.

 

 

 

Без коментари