Земјотрес во Еквадор, загинаа најмалку 77 лица

0
470

Силен земјотрес, со јачина од 7,8 степени според Рихтер, во сабота вечер го погоди Еквадор, при што загинаа најмалку 77 лица, а повеќе од 500 се повредени, соопштија властите на таа земја.

Епицентарот на најсилниот земјотрес во таа земја од 1979 година, бил на 27 километри југоисточно од Миусна, слабо населено подрачје кое е популарно за туристите, соопшти Геолошкиот завод.

Властите на Еквадор стравуваат дека бројот на настрадани не е конечен и дека веројатно ќе расте во следните часови.

Локалните медиуми наведуваат дека многумина се затрупани под урнатините на зградите.

Според надлежните, најголем број од настраданите се во градовите Манта, Портовиељо, Гуакил, кои се оддалечени од Муисна на неколку километри.

Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, прогласи вонредна состојба.

Тој на својот твитер профил напиша дека Еквадорците мора да останат мирни за време на вонредната состојба.

Во силниот земјотрес урнат е еден надвозник во најнаселениот град Гуакил, како и голем број куќи и згради.

Градоначалникот на Падемалес, Габриел Алкивар, град со 40.000 жители во близина на епицентарот, апелираше до властите итно да пратат спасувачи.
„Правиме се што можеме, но малку може да се направи. Не се урна само една куќа, се урна цел град“, вели Алкивар.

Додава дека голем број луѓе се затрупани под урнатините, а по земјотресот се регистрирани голем број кражби.

Пацифичкиот центар за предупредување од цунами, предупреди дека можноста за голем бран на некои брегови постои, но еквадорските власти не издадоа предупредување за цунами.
Земјотресот го потресе Еквадор непосредно по самракот и предизвика паника кај населението./крај/мф/бб