Зголемен бројот на барања за лични документи

0
1149

Секое лето се зголемува бројот на барања за сликање за лични документи, а тоа се должи на поголемиот број повратници од странство, но и чекање на последен момент за вадење документација од страна на граѓаните непосредно пред заминување на годишните одмори, велат од СВР Битола.

Зголемениот број поднесоци резултира со пролонгирање на рокот на закажување за сликање на лични документи, но не го надминува законското подигнување на истите, потенцираат од битолската полиција. Се инсистира и понатаму да се одвива во нормален тек вадењето лични документи, а за таа цел и секоја прва сабота во месецот Управните служби во СВР-Битола ја работат. Минатата сабота се работеше на издавање на готови лични документи.

Во Скопје пак граѓаните се жалат дека не ги добиваат патните исправи во законскиот рок, но и дека се чекало две недели термин за сликање, како што пишуваат некои пишани медиуми.

Од МВР велат дека процедурата на издавање на пасошите била забавена поради користењето на нови обрасци кои визуелно не се разликуваат од старите, но се со поголем степен на безбедност. Овие обрасци сè уште се во тест-период, а претставници од германската фирма работеле на софтверот и на адаптација на машините за персонализација. Законскиот рок за вадење пасош во редовна постапка е 15 работни денови, а во итна 48 часа.