Зголемената доверба ќе доведе до полесно решавање на проблемите

0
277

Градењето на заемната доверба ќе доведе до многу полесно решавање на меѓусебните проблеми кои ги имаат Македонија и Грција, согласни шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Попоски и Никос Коцијас по средбата во четвртокот во Скопје. Според македонскиот министер, реалноста во моментов е дека помеѓу двете страни има разлики околу решавањето на спорот за името, но она што може сега да се направи е преку меѓусебна соработка двете страни да работат на тоа да се постигне стабилност и економски просперитет.

„Доколку има една реалност, тоа е разликата во спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради ова, но тоа што можеме да го направиме е да се посветиме на тоа што го посакуваме, поголема стабилност и економски просперитет. Оваа фаза ја гледаме како наше покажување на капацитет сами да си ги решаваме проблемите и во условите во кои пред да влеземе во ЕУ и НАТО, нивото на стабилност и економски приоритет ќе зависи од македонските капацитети. Во овој контекст Грција е многу важна земја за градење на стабилност и просперитет и најдобро е сами да си ја креираме иднината, да седнеме со Грција и да градиме што е можно повеќе мостови за соработка“, потенцираше шефот на македонската дипломатија.

Грчкиот министер Коцијас, пак, изјави дека на средбата не било разговарано околу разликите во спорот за името, туку за начините на кои може да се изгради конкретна соработка помеѓу двете страни. „Не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе не ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот“, порача Коцијас.

Според Попоски, пак, во Македонија предолго постои чувството дека грчката страна е непријателот и дека сега мора да се стигне до фаза во која ќе чувствуваме дека Грција е пријател со кој Македонија ќе може да соработува.

„Ние сме денес реалноста, планираме да останеме тука каде што  сме, мора да ги убедиме нашите грчки партнери дека не планираме нив да ги преместиме на некое друго место. Ако сме согласни дека остануваме тука каде што сме и дека имаме заеднички интереси најдобриот пат да стигнеме до тоа е овој којшто го одбравме – зголемување на довербата преку конкретни мерки. Нашата цел е да бидеме и во ЕУ и во НАТО, така како што Грција е во ЕУ и НАТО. Таа не е таму за да усреќи некого, туку е поради сопствените интереси, истото важи и за Македонија, сакаме ад бидеме во ЕУ и НАТО поради сопствените интереси. На овој пат ќе мора да градиме односи, ќе мораме да градиме клима во кој и ние ќе ги убедиме и тие ќе не убедат дека ова е заедничка цел.  Лично сум убеден дека на крајот на патот тоа е во интерес на двете земји. Автоматски, мерките за градење доверба нема да го решат спорот за името но ова е единствениот пат по кој треба да одиме во услови во кои ние си ја креираме судбината. Алтернативата на ова е да седиме со скрстени раце и да плачеме дека не ни дозволуваат да ги оствариме нашите цели. Ние сме доволно убедени во нашиот капацитет да креираме подобра иднина и таа планираме да ја креираме заедно со нашите соседи“, потенцираше Попоски.

Неговиот грчки колега, пак, додаде дека улогата на Грција во период кога во Македонија има политичка криза е да испрати сигнали на стабилност, бидејќи сака своите соседни земји да бидат стабилни и нивните народи да живеат во добра состојба.

„Работата на земја како што е Грција, која што и покрај поинаквите очекувања, во услови на политичка криза е секогаш да испрати бранови за стабилизирање и ние сакаме соседната земја да биде стабилна, нејзиниот народ да живее во добра состојба, да постои мир и да можеме заеднички да ги решаваме проблемите. Среќен сум поради тоа што во година ипол што помина имаме резултати и имаме доверба. Ако овие мерки се поврзуваат и со името, тогаш факт е дека кога се зголемува довербата тогаш проблемите се полесни и рамките се широки за да се најде решение. Постојат и сегменти во довербата, доколку се зголемуваат сегментите во довербата ќе имаме и изгледи за решение“, заклучи Коцијас.

Во разговорите помеѓу двајцата министри исто така биле споделени и листа на полиња во кои треба да се гради идната соработка помеѓу двете земји, а каде што од подеднакво значење би било и економската и енергетската соработка, но исто така и другите полиња како што се образованието и особено мобилноста на студентите./крај/мф/бс