Журка до 3 часот наутро на првата вечер на „Пивофест“

0
940

Неколку илјадна публика се собра, во четврток вечер, пред главната бина на отворањето на 14. по ред „Пивофест“.

 Не пречеше ни тоа што денеска е работен ден – никој не сакаше да замине, туку до 3 часот наутро во еден глас се пееја песните на „Тропико бенд“ и се играше на заразниот ритам на „Флај проџект“.

Фестивалот на пивото и на скарата почна со настапот на локалните блуз-мајстори „Кросроуд бенд“. Подоцна на сцената се качија момците од тетовскиот реге-бенд „Конкеринг лајон“, кои го донесоа и специјалниот гостин Рафаел од Јамајка.

„Си поминувам одлично. Првпат сум во Македонија, но ми се допадна енергијата помеѓу нас и публиката. Пред да дојдам ми кажаа – овде има убави жени и одлична храна. Морам да признам и од двете сум многу задоволен“, изјави пејачот по настапот.

Домаќините Марјана Станојковска и Жарко Димитриоски го повикаа на сцената градоначалникот Марјан Ристески, главниот „виновник“ за долгогодишниот успех на „Пивофест“, за фестивалот и официјално да биде прогласен за отворен – традиционално, наздравувајќи со кригли пиво.

Градоначалникот им посака добредојде и убав помин на сите гости, кои и годинава ги има од секаде, па дури и од Кина. Ги потсети и да свртат малку на шега и на мајтап, бидејќи сепак ова е Прилеп.

Некаде пред полноќ дојде ред за еден од настапите кои публиката со нетрпение го очекуваше. Српската група „Тропико бенд“ остана на сцената повеќе од два часа, а публиката во ниеден момент не престана да пее заедно со пејачот Александар Цветковиќ.

„Неверојатно чувство! Чувствував колку сме поврзани со публиката, тоа е емоција што не може да се изглуми“, изјави Цветковиќ, кој не сакаше да се симне од сцената.

Некаде околу еден часот по полноќ, на сцената излегоа светски познатите „Флај проџект“. Романската група започна со нивниот најголем хит „Мусика“ и го потврдија она што го ветија утрото – дека нема да направат концерт, туку најдобра журка во Македонија.

Сите 30-тина штандови поставени во центарот на Прилеп беа преполни. Постојано се точеше пиво и се редеше скара, а уште повеќе народ се очекува и вечерва.
На сцената ќе ги гледаме Каролина Гочева и Хари Мата Хари./крај/со/бб