ЗНМ бара ослободување на новинарот Божиновски

0
260

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира дека новинарот Зоран Божиновски намерно се држи во притвор, со цел да не објави нови скандали за власта во предизборниот перод. Од ЗНМ велат дека обвинителството купува време бидејќи нема цврсти докази против новинарот.

-Има најмалку две причини зошти ние сме убедени дека процесот против Божиновски е обична политичка конструкција на власта злоупотребувајќи ги законите и институциите.

Првата е дека институциите кои толку многу инсистираа да се екстрадира Божиновски од Србија, сега непотребно ја одлагаат постапката. Ако обвинителството имаше докази тогаш зошто им беа потребни скоро четири месеци да го обвинат Божиновски? Какви докази бараше обвинителството во меѓувреме кога за предметот Шпион веќе првостепено се осудени 19 лица.

Очигледно е дека обвинителството купува време затоа што нема цврсти докази да го поткрепи обвинението. Со право се сомневаме дека Божиновски се држи во притвор со цел да не може да објави нови скандали за власта во пресрет на предвремените избори.

Освен тоа, нема никаква рационална причина Божиновски четири месеци да биде држан во притвор под исто образложение, дека постои опасност да ја напушти земјата и да влијае на истрагата. Како е можно Божиновски да влијае на сведоците кога за случајот веќе е донесена првостепена пресуда. Бараме од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да го повлече обвинението против Божиновски и да не се инволвира во политички монтиран процес, од кој ќе има далекусежни последици, се вели во соопштението на ЗНМ.