ЗНМ и ССНМ: Казните за медиумите од Изборниот законик се скандалозни

0
2514

Доколку посредникот Питер Ванхауте не ги вклучи во преговорите и претставниците на новинарските здруженија и медиумски организации, тие ќе протестираат пред Клубот на пратениците, изјави денеска претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Според него, најновите измени на Изборниот законик во делот на медиумите се донесени во нетранспарентна постапка, а двојното золемување на казните дополнително ќе го зголеми притисокот врз медиумите.

-Го повикуваме медијаторот Питер Ванхауте веднаш да ги вклучи претставниците не новинарите и медиумите во разговорите. Ако не се преиспитаат казните и ако не бидеме вклучени во разговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците, исто така ќе ги повикаме медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија кои ќе произлезат од разговорите и партиите сами нека организираат фер избори без медиумите, истакна Селмани.

Особен револт медиумските организации изразуваат за законското регулирање на интернет порталите, бидејќи со истата законска регулатива, казните до 8 000 евра за интернет портал или печатен медиум, може да значат и затворање на медиумот.

-Револтирани сме затоа што интернет порталите на мала врата ги пикнаа во Законот и ги третираат како медиуми. Се прашуваме дали следното е да ги стават и во Законот за медиуми и да ги дефинираат и на тој начин да им се отвори можност за натамошно ограничување на слободата на изразување. Интернет порталите барем во Европа, никаде не се регулирани со посебни медиумски закони, тие веќе се регулирани со Законот за кривична постапка и со граѓанскиот закон за навреда и клевета, за нив важи и Законот за работни односи, за авторски права и законот за невладини ако издавач на порталот е невладина организација, затоа нема никаква потреба да бидат регулирани со посебни медиумски закони, рече Теофил Блажевски – член на извршниот одбор на Синдикатот на новинарите.