ЗНМ не го прифаќа предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за медиумите

0
464

ЗНМ го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за реформи во медиумите. Го оцени како брутален напад врз независноста на медиумите и обвини дека со овој предлог, Владата се обидува да се меша во политиката, финансиите и мисијата на медиумскиот сектор.

„Предлогот ја убива смислата за постоење на медиумите во едно демократско општество, точно и навремено да информираат, критички да ја опсервираат реалноста и да поттикнат дебата за прашања од јавен интерес. Ги повикуваме СДСМ, ДУИ и ДПА како и ЕУ и САД да го отфрлат овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ и да се заложат за идејата на посредникот Питер Ван Хауте, како единствено системско решение кое овозможува предуслови за слободни медиуми“, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

Тамара Чаусидис, образложи дека ставовите на ЗНМ и ССНМ се исти, односно дека тие целосно стојат позади предлозите на беглискиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте, а воедно, смета дека е апсурдно што воопшто сериозно се дискутира за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ кои не нудат департизација кај медиумите туку дополнителна контрола.

– Жално е што воопшто доаѓаме до ситуација вакви апсурдни и небулозни предлози да мораме да ги разгледуваме како сериозни. Можни се две објаснувања, или станува збор за купување време и да остане статус-кво за да се спречат системските промени кои ги предлага посредникот Ванхауте, или станува збор за лов во матно во ова ненормално време да се протнат практиките кои веќе ги имаме во медиумската сфера во кои жртвата е слободата на изразувањето, рече Чаусидис.