Зошто страдаат пешаците во Македонија

0
606

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата наведуваат дека пешаците најмногу страдаат во сообраќајни незгоди поради тоа што кај нив отсуствува чувството на свесност дека и тие се учесници во сообраќајот.
Во 2016 година во Македонија 35 пешаци загинале во сообраќајни незгоди, додека 871 пешак биле повредени. Од загинатите пешаци едно лице било на возраст до 14 години, три лица на возраст од 25 до 40 години, 14 лица на возраст од 41до 64 години и 17 лица на возраст над 65 години.
Од РСБСП велат дека одговорноста на возачите за безбедноста на пешаците во сообраќајот не е ништо помала од таа на пешаците и дека и тие се учесници во сообраќајот и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот.
Лошите навики и ниската сообраќајна култура се важен фактор од кој зависи безбедноста на пешаците во сообраќајот, но важно е и тоа дека пешаците најмалку ги познаваат сообраќајните правила и прописи, најмалку се контролирани и најмалку се санкционирани како учесници во сообраќајот.
За нивните обврски и нивниот однос кон пешаците РСБСП потсетува на најважните правила и прописи што возачите треба секогаш да ги практикуваат: кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин, возачот е должен секогаш да ги препушти пешаците кои стапнале на пешачкиот премин, возачот не смее да престигнува друго возило кое се приближува кон обележан пешачки премин, кое преминува пешачки премин или кое застанало заради пропуштање на пешаци на тој премин.