Дебитантскиот долгометражен филм на австралискиот режисер Горан Столевски „Нема да си сама“ е австралиски кандидат за најдобар странски филм за Оскар. Столевски е роден во Македонија, но живее и работи на релација Австралија-Велика Британија.Во филмот играат шведската актерка со холивудска кариера Номи Рапас, и македонските глумици Сара Климоска, Верица Недеска и Камка Тоциновски. Во продукција на „Козвеј филмс“ на Кристина Кијтон и Саманта Џенингс, се снимаше во Србија. Филмот имаше светска премиера во јануари на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута во САД. Критичарите, како што пренесуваат австралиските медиуми, го споредувале Столевски со реномирани автори како Теренс Малик и Џонатан Глејзер.
По премиерата на Санденс, угледниот холивудски сајт „Вараети“ го вклучи меѓу десеттемина најнадежни режисери за 2022. Во август излезе неговиот втор филм насловен „Of an Age“ , снимен во Австралија, додека истовремено во Македонија го снимаше неговиот прв македонски филм „Домаќинство за почетници“.
Столевски на Санденс 2018 победи за најдобар краток филм со „Види ја ти неа“.
Листата на петте номинирани филмови ќе биде објавена на 24 јануари 2023, а 95-то доделување на „Оскарите“ е закажано за 12 март 2023 во киносалата „Долби“ во Лос Анџелес, САД. Минатогодишен победник во оваа категорија беше „Вози ја мојата кола“ на Рајусоке Хамагучи од Јапонија.












