Австрија ќе затвори седум џамии и ќе избрка 60 имами

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

Австриската десничарска влада планира да затвори седум џамии и да протера околу 60 имами во рамките на борбата против „политичкиот ислам“ и странското финансирање на џамиите, за што вели дека „е само почеток“ на притисокот против исламистичката идеологија и странското финансирање на религиозни групи.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц рече дека неговата влада ќе ја затвори турската џамија во Виена и ќе ја распушти Арапската верска заедница, која води шест џамии.

Џамијата ќе биде затворена врз основа на закон од 2015 година со кој се забранува финансирањето џамии од странство и им се наметнува на муслиманските заедници обврска да имаат „позитивно основно гледиште кон австриската држава и општество“, пренесе Ројтерс.

Седумте џамии ќе бидат затворени по истрагата на верските властите за сликите што се појавија во април со деца во џамија поддржана од Турција како глумат мртви во реконструкција на битката на Галиполи од Првата светска војна, меѓу Антантата и Отоманската Империја.

На фотографиите со децата, објавени од неделникот Фалтер, се гледаа млади момчиња во маскирни униформи што маршираа, поздравуваат, мавтаат со турски знамиња и потоа глумат дека се мртви.

Нивните „трупови“ потоа се наредени и завиткани во знамињата.

„За паралелните општества на политичкиот ислам и за радикализирачките тенденции нема место во нашата земја“, рече Курц на прес-конференцијата на која ги соопшти одлуките на владата.

mkd.mk

Share.