„Ако загине, ќе положат знаме врз неа“ рекол Ердоган за девојчето

0
1572

Турскиот претседател Ердоган е на мета на критики, бидејќи во текот на говорот на расплаченото девојче во воена униформа му рече дека е чест да загине во борба.

„Ако загине, ќе положат знаме врз неа“, му кажа Реџеп Таип Ердоган на преплашеното девојче за време на говорот пред членовите на неговата АК партија. На неговата изјава, воодушевеното членство на партијата извикуваше „Шефе!… Водете нѐ во Африн!“, градот во Сирија, каде турските сили вршат офанзива против сириските Курди.

Според снимките објавени од страна на државната телевизија, додека Ердоган говорел од бината вниманието му го привлекло девојчето во униформа, која седела во публиката и тој ја поканил да дојде на бината.

„Погледнете, што имаме тука. Девојче што правиш овде? Нашите беретки се тука, но тие никогаш не плачат“ му кажа тогаш Ердоган на расплаченото девојче, мислејќи на специјалната единица на турската војска.

„Таа има и турско знаме во џебот… Ако загине во борба, ќе положат знаме врз неа, по Божја воља“, додаде турскиот претседател на конгресот на партијата, што се одржа во градот Караманмарас во саботата, пренесе Би-би-си.

„Таа е подготвена на сѐ, нели?“ Ердоган го запраша девојчето на што таа одговори со „да“. Потоа Ердоган ја бакна во лице и таа слезе од бината.

Потегот на Ердоган наиде на остри критики на социјалните мрежи, а најстрогите критичари целиот настан го опишаа како „злоупотреба на деца“ и глорификација на смртта.

Ердоган не коментираше за критиките.

mkd.mk