Алкохол ќе се продава и по 19 часот но нема да се укинат лиценците за трговците

0
525

Измените на Законот за трговија, со кои треба да се укине ограничувањето за продажба на алкохол после 19 часот, се готови и треба до крајот на неделава да бидат објавени на Единствениот национален регистар за прописи.

Од Министерството за економија велат дека откако ќе биде доставен на увид на јавноста, законот ќе треба да добие зелено светло од Владата, а потоа и од Собранието. Според проценките, ако се оди според процедурата, би требало на почетокот на март законските измени да стапат во сила.
Владата во декември минатата година донесе одлука да се укине забраната за продажба на алкохол после 19 часот и да се укине ограничувањето, односно забраната на продажба на алкохол во киосци, за кои ќе се издава лиценца и го задолжи Министерството за економија во рок од два месеца да направи законски измени во Законот за трговија.

Сепак, освен укинувањето на временското ограничување, бизнис-заедницата бараше да се укинат и лиценците што трговците мора да ги поседуваат за да продаваат алкохол, односно ако не се укинат лиценците да се намали сумата што трговецот треба да ја плати за да добие лиценца, поточно да не се пресметува врз основа на целиот промет на продажниот објект, туку само на прометот со алкохолни пијалаци.

Од Стопанската комора на Македонија информираа дека очекуваат деновиве ова законско решение да биде објавено од Министерството за економија. Од комората потенцираа дека ова е едно од 19. барања што тие ги доставиле до Владата и чекаат брза реализација.
Главната забелешка на бизнисмените до Владата е дека треба побрзо да реагира на нивните барања и побрзо да се носи регулативата која ќе биде во интерес на подобрување на бизнис-климата.