Секторот за внатрешни работи-Битола, поради евидентирани пријави од страна на граѓани за извршени измами од страна на лица кои лажно се претставуват и на различни начини ги доведуваат до заблуда оштетените со цел да остварат парична или друга корист, апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.
Еден од начините на измама e со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека нивни блиски предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот, лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветува дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор. Притоа, измамниците ги наведуваат оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите.
Друга честа измама за која граѓаните пријавуваат е дека им се ветуваат најразлични производи или услуги како огревни дрва, лекарства, купување на возила, купување на станови, организации на настани, откуп на железо и друго, при што измамниците сето тоа го прават телефонски и не се појавуваат.
Посебен апел би сакале да упатиме до повозрасните лица и пензионерите, посебно да внимаваат кога ги подигнуваат нивните пензии од банките и банкоматите каде има поголема фреквенција на луѓе, особено да обрнат внимание на нивното опкружување, а паричните средства соодветно да ги чуваат во паричници и да внимаваат да не бидат предмет на измама, стои во апелот од СВР Битола.












