Аплауз од новинарите во Берлин за македонски филм

Google+ Pinterest LinkedIn Tumblr +

На филмскиот фестивал во Берлин се одржа проекцијата на филмот „Господ постои, името и’ е Петрунија“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска, а подоцна прес конференција одржа екипата на македонскиот филм. Според фотографиите и видеата кои се поставени на социјалните мрежи, забележлив е големиот интерес за приказната и за идејата и начинот на кој се снимал филмот од полната сала за прес конференции, и бројните новинарски прашања.

Присутните во еден момент со голем аплауз ја поздравија екипата на македонскиот филм на „Берлиенале“.

Македонскиот филм моментално се наоѓа на врвот на листата на жирито, заедно со Öndög на Ванг Куанан, со просечна оцена од 2,8, иако „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го очекуваат уште два резултати, со што веројатно e дека ќе се искачи на самиот врв.

Инаку Screen Media за сите престижни фестивали, од рангот на Берлин, Венеција и Кан, повикува 7 најдобри новинари-филмски критичари од целиот свет кои заедно со уште еден филмски критичар од Screen International ги оценуваат филмовите на скала од 0 (многу лошо) до 4 (одлично). Годинешната жири комисија е сочинета од реномирани новинари од филмската фела од престижните медиуми Dagens Nuheter – Шведска, Frankfurter Allgemeine- Германија, Film Art – Русија, Die Zeit – Германија, The Paper – Кина, The Morning Star – Велика Британија, Segnocinema – Италија и еден филмски критичар од самиот Screen International.

Македонскиот филм доби мешавина од оценки, меѓу кои и највисоката четворка Паоло Бертолин од „Сегносинема“ што во моментов го рангира на првото место, а пак по добивање на оценките и од Шведска и Кина, неминовно е дека „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и ќе остане највисоко на оваа престижна листа.


Инаку, Screen International е реномиран британски филмски магазин кој ја покрива меѓународната филмска индустрија. Наменет е првенствено за оние кои се инволвирани во глобалниот филмски бизнис, а датира уште од 1889 година кога бил основан под името “Optical Magic Lantern and Photographic Enlarger”.

Истиот објавува дневни публикации и критики од филмските фестивали и пазарите на Берлин – Германија, Кан – Франција, Торонто и Онтарио – Канада, американските филмски пазари во Санта Моника, Калифорнија и Хонг Конг.

Share.