Една недела по затворањето на гласачките места во Србија, тензиите растат околу изборите, особено оние во Белград, а опозицискиот блок „Србија против насилството“ на протестот во центарот на Белград порача дека нема да се откаже од поништувањето на изборите, додека владата ги отфрла сите тврдења за нерегуларности.

„Нема да ја дадеме победата“, извикуваат приврзаниците на опозицијата на денешниот протест во центарот на Белград, пред седиштето на главното избирачко тело.

Вечерва имаше обид демонстранти да влезат во градското собрание на Белград, за кое тврдат дека е „нивно бидејќи победиле на изборите во Белград“, пренесуваат српските медиуми.
Демонстрант со дршка од знаме го скршил стаклото на влезната врата на градското собрание во Белград. Во зградата на градското собрание во Белград има припадници на полицијата во опрема за разбивање демонстрации.

Медиумите јавуваат дека бил употребен солзавец за растурање на демонстрациите, како и тоа дека биле уфрлени елементи со цел предизвикување инциденти, за да бидат обвинети студентите кои протестираа дека се насилници.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ имаше јавно обраќање по вечерашниот обид нa oпозицијата за влез во Градското собрание на Белград.

„Не грижете се, граѓани на Србија, иако сцените се драматични. Затоа што ја сакаме нашата земја и град, не сме навикнати некој да ни ги крши прозорците и да ни ја руши куќата. Не грижете се, бидејќи не е во тек никаква револуција, ништо од тоа нема да им успее. Се обидуваме да употребиме блага и мирна реакција за да не повредиме ниту еден од случајните демонстранти“, рече Вучиќ.













