Атмосферата во Букурешт се разгорува а нашите фудбалери позитивни и мотивирани

Македонските фудбалери кои веќе трет ден се во Букурешт, нетрпеливо ги одбројуваат деновите и часовите до своето дебито на Европскиот шампионат.
Во позитивна атмосвера и со голема мотивација најдобрата македонска фудбалска селекција веќе одработни неколку тренинзи во Букурешт, каде во недела против Австрија ќе го има својот прв настап на континенталното првенство.Македонските фудбалери се одлично расположени пред почетокот на Европското првенство, а тоа можеше да се забележи и денеска кога Елиф Елмас донесе голем звучник. Репрезентативците се во карантин и не смеат да го напуштат хотелот поради ситуацијата со вирусот, па Елмас реши да ги расположи неговите сонародници, кога пушти песна од Гоце Арнаудов.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се најде на листа која британскиот сервис Би-Би-Си ја состави од 20 најталентирани европски фудбалери пред кои е блескава професионална кариера. Со две успешни сезони зад себе во дресот на Наполи и над 200 натпревари во сениорска конкуренција, ЕУРО2020 може да биде сцена за уште повисоко реноме за „македонскиот дијамант“ –  наведува Би-Би-Си. Дваесетиедногодишниот Елмас дебитираше за македонската репрезентација во јуни 2017 година и оттогаш е незаменлив во националниот тим, постигнувајќи седум голови на 27 натпревари.

Деновиве со позитивни прогнози и од поранешниот македонски репрезентативец Дарко Панчев вели дека нашата А селекција не треба да се задоволи само со учеството на Европското првенство. Прославениот напаѓач на Црвена звезда и воедно екс репрезентативец на Југославија ја коментираше групата „Ц“ во која покрај Македонија, ќе играат уште Австрија, Украина и Холандија. Не е тоа некоја претерано силна група. Можеме да направиме едно убаво изненадување. Холандија е единствената репрезентација екстра класа. Со Австрија и Украина апсолутно може да се игра. Ова е одлична можност пред Европа да го покажеме високиот квалитет. Нема што да изгубиме, иако никој од нас не очекува ништо – вели Панчев.Панчев гледа особено многу голем квалитет во средниот ред на македонската репрезентација: Таму имаме четворица извонредни играчи. Нив ги води Аријан Адеми, кој е капитен на Динамо Загреб. Тука се и Енис Барди, Езџан Алиоски и Елиф Елмас од Наполи, кој е еден од најголемите таленти на овие простори. Со сите можат да се надигруваат – додава Панчев.

КФСМ официјално и даде поддшка на Македонската фудбалска репрезентација за настапот на Европскиот шампионат. На само три дена до првиот меч против Австрија, на фудбалерите им е потребна сета можна поткрепа од сите страни. Перо Антиќ има порака до фудбалерите: Не читајте што се пишува и уживајте. Во интервју за официјалниот ТВ канал на Фудбалската федерација, трикратниот европски шампион им порача на фудбалерите да уживаат на теренот, а на фановите да бидат покрај нив, дури и ако работите не тргнат според посакуваното.

Горан Пандев беше дел од најавната емисија „Еурофорија“ на државниот сервис, во која зборуваше за првиот натпревар против Австрија, но и за останатите ривали и амбициите на репрезентацијата на ова Европско првенство. За крај Пандев кажа неколку реченици за амбициите на репрезентацијата на овој турнир: „Секој сака, кога сме веќе овде, да ја помине групата. Знаеме дека пласман во осминафиналето ќе биде голема работа за нас. Знам дека сите македонски фанови живеат за нас. Тоа ќе биде голем успех за нас, но и за цела Македонија“. Првиот натпревар на шампионатот за Македонија е закажан в недела во 18:00 часот, против Австрија.

Сподели