ТЕРА

REKLAMA???

АХВ КОНТРОЛИРА БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА ВО БОЛНИЦИ И ЗИМСКИ ТУРИСТИЧКИ ЦЕНТРИ

Aгенцијата за храна и ветеринарство деновиве спроведе инспекциски контроли во кујните на болничките установи и одморалиштата. Oд болничките кујни во државата уништени биле 110 килограми небезбедна храна, кај одморалиштата, еден оператор функционирал нерегистриран.

Сто и десет килограми небезбедна храна, уништија инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во кујни во болничките установи во земјава, во рамки на спроведените 43 вонредни инспекциски надзори.

Инспекциската служба на Агенцијата поминала и низ битолската Клиничка болница, а според информациите од Агенцијата, кујната функционира беспрекорно, според сите стандарди, храната е безбедна, во битолската Клиничка болница има добра производствена пракса, а хигиената е на високо ниво.

Цел на вонредните контроли беше проверка дали кујните се регистрирани како оператори со храна, дали ги исполнуваат општите и посебните барања за хигиена, барањата за безбедност кои се однесуваат на вработените лица во кујните, примената на правилата за Добра хигиенска пракса и Добра производствена пракса и НАССР процедурите, следливоста, потеклото на суровини, манипулацијата со храна и исполнувањето на микробиолошките критериуми на храната.

Со контролите утврдено е дека 5 кујни ја немале исполнето законската обврска за регистрација како оператори со храна во АХВ, 4 не ги задоволувале техничките барања за безбедност, односно утврдени се оштетувања на просториите каде се подготвува храна. 8 од кујните не ги задоволувале барањата за Добра хигиенска и Добра производствена пракса како барања за безбедност на храната.

За утврдените недоследности – нехигиена, наталожени маснотии во кујната, неводење на записи, несоодветно одржување на опремата, оштетени ѕидни и подни површини, немање сопствен план за анализа на храна, незавршен курс по хигиена на храна од страна на вработените лица, односно непоседување на сертификати за оваа законска обврска, утврдени нерегистрирани оператори со храна и друго, донесени се  15 решенија со наредби за отстранување на констатираните недоследности и изречени се 5 парични казни.- стои во соопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во изминатиот период направени биле и вонредни контроли на угостителски објекти,

и објектите за малопродажба во зимските туристички центри. Контролирани беа вкупно 18 оператори со храна во скијачките рекреативни центри Попова Шапка, Маврово, Пониква, Крушево, Пелистер и во Михајлово.  И за угостителските објекти на Пелистер од Агенцијата немаат забелешка, велат „нема отстапувања од законските прописи за безбедноста на храната.“

Инспекциските служби на Агенцијата утврдија недоследност во работењето само кај еден оператор, односно истиот не бил регистриран во АХВ како оператор со храна. За констатираната недоследност изречена е парична казна и даден е налог за итна регистрација