Бактериолошки неисправна вода за пиење  во селските водоводи во Пелагонија

0
1230

Бактериолошки неисправна вода за пиење  во селските водоводи во општините Битола, Новаци и Могила. Ова го покажале резултатите од извршените анализи кои што ги прави Центарот за јавно здравје од Битола за 2017 година.  Водата е бактериолошки неисправна за пиење во оние водоводи со кои што не стопанисуваат јавните комунални претпријатија. Од ЦЈЗ во Битола велат дека ова не е новонастанат проблем, туку е проблем веќе 10 до 15 години.-Од вкупниот број на анализирани мостри, дури 70 од нив се бактериолошки и физичко- хемиски неисправни. Мострите се земени од селата во општина Битола . Тоа се однесува на бактериолошка неисправност. Присутни се бактерии од типот на ешерихија коли, колифорни бактерии кои што се патогени и кои што не треба да бидат присутни во водата за пиење, и претставуваат еден голем епидемиолошки ризик по здравјето на жителите кои што ја користат таа вода за пиење. Ние сите овие резултати ги доставуваме до Агенцијата за храна и ветеринарство која што ја дава таа забрана за пиење на водата, изјави д-р Емилија Богоевска, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје во Битола.


Причината за неисправноста на водата за пиење од Центарот за јавно здравје ја посочуваат во нехлорирањето на водата и дотраеноста на селските водоводи. Додават дека проблемот може да се реши со автоматско хлорирање на водата за пиење кое што треба да го прават субјекти кои што ќе стопанисуваат со водоводните објекти.

-Повеќето од овие водоводи се стари и дотраени . Некои не се градени по одредени стандарди , значи не постои санитарни заштитни зони околу самите изворишта, околу резервоарите не се води грижа за нивно тековно одржување, поточно се врши механичко чистење на зафатите на резервоарите, а кај повеќето од нив не се врши ниту хемиско третирање на водата , поточно хлорирање на таа вода за пиење, или пак доколку се прави тоа е нерамномерно, непостојано и нередовно, вели д-р Богоевска.

Законска обврска има секоја општина  да ги преземе тие селски водоводи и да ги предаде на Јавните комунални претпријатија  кои што треба да ги одржуваат.

-Кај месното население не постои доволна едукација бидејќи и покрај забраната тие продолжуваат и понатаму да ја користат таа вода за пиење, сметајќи дека тие се имуни , бидејќи со години наназад ја пијат водата, но сепак не постои имунитет за патогени бактерии. Од теренското искуство и од разговор со директорите на Јавните комунални претпријатија располагаме со некои информации дека и самите месни заедници кои што се одговорни за тие селски водоводи не се согласуваат да ги предадат водоводите на ЈКП поради најчесто финансиски причини , бидејќи не сакаат да платат за извршените услуги, вели д-р Богоевска.

Решението на овај децениски проблем според експертите од Центарот за јавно здравје е доколку постои можност граѓаните кои што ги користат селските водоводи за снабдување со вода да се приклучат на градскиот водовод.